ТРАНСВЕРЗАЛЕН ДНЕВНИК 2010

МЕЃУНАРОДНА ПЛАНИНАРСКА ТРАНСВЕРЗАЛА 4М-1™

По патот на една легенда од 11-ти век™

Св. Гаврил Лесновски – Св. Јоаким Осоговски

Никогаш во ова лето господово 2010-то, февруари не бил потопол од кога е воведено мерењето на температурите во светот… а мораше ли пак првите три недели од мај да бидат толку студени… па на неколку дена пред реализирањето на Планинарската Трансверзала 4М™ и врвовите на планините на целиот Балкан да бидат оснежени.

4m-2010-d-27

Имавме едно искуство во дождлива трансверзала… но оваа беше најтешката… не само заради дождот туку и заради високиот водојстој на реките, грмотевиците кои што се појавуваат при поројните дождови..должината на патеката која со секое изнудено решение се зголемува.

Групата на учесниците заедно со двете медицински екипи и ТВ-снимателите беше околу педесетина … ни многу ни малку… и два-тројца да мораат во исто време да стасаат на целта, имаше и такви кои беа оправдано отсутни имаа испит, беа на работното место, Соцко, Ивица Игор, Александар … или пак како оние кои беа колебливи до крај па останаа дома иако беа на списокот на пријавени. Очигледно не беа доволно убедени дека се спремни во вакви услови да ја минат Трансверзалата или можеби им недостасуваше дел од потребната опрема… Но имаше и такви кои што стартот го започнаа со подвиг, тоа се несомнено Даниел Зојков и Мики Николовски, кои што задоцниле за организираниот превоз во Пробиштип, па откако сватиле дека минибусот заминал, се упатиле со трчање кон Лесново, и оттаму продолжиле со истото темпо за да во наредните 3-4 километри да се приклучат на колоната, секоја чест… големо браво од името на сите…

По стариот добар обичај тргнуваме од Плоштадот во Крива Паланка со организиран такси превоз… по задолжителните академски 15 минути…по 4.00 часот.

4m-2010-d-1

Во Кратово се е мирно, нема жива душа по улиците, градот спие, го поминавме на разденување.

4m-2010-d-2

На Жгури ни се отвори небото… и ако по утрото требаше да го препознаеме денот… изгледаше навистина охрабрувачки.

4m-2010-d-3

Во меѓувреме такси возачите се договараа по која варијанта да стасат до Злетово… за да на крај довербата да биде дадена на GPS-навигацијата… а таа го одбра најкраткиот пат преку Калниште, покрај новиот цевовод кој што се поставува од Хидросистемот Злетовица за Пробиштип.

4m-2010-d-4

Пред Општината забележавме неколцина со раници, и само прокоментиравме …наши се… не беше тешко да се предпостави. На стартот како по обичај први стасуваат најдалечните, така да веднаш почнавме со пополнување на Пријавните листи… и припремата за влез во Манастирот…

Набрзо почнаа да пристигнуваат и другите учесници, од Скопје…Радовиш, Штип …Кратово… и се разбира членовите на новоформираното друштво Плавица од Пробиштип со официјалните преставници од Општината.

И уште едно место за пофалба годинава официјалната делегација одлучи не само да се појави на стартот туку и да ја помине целата патека што секако е за поздравување и почит… а во неа шефот на кабинетот на градоначалникот Ирена Серафимова, советникот Страшко Милошевски, сопругата на градоначалникот..

4m-2010-d-5

Набрзина влегуваме во кругот на манастирот, и притоа преставничките од понежниот пол задолжително облекуваат фустани како што и прилега кога се влегува во црковниот храм…. за за набрзо се стивне и се претвори во едно големо уво кое што го слуша објаснувањето на свештеникот за историјата на манастирот, неговото културно заначење, житието на св. Гаврил, како и вредноста на фрескоживописот… резбаниот олтар, првото позначајно дело на мијачката резбарска тајфа.

Излегуваме и правиме полукруг пред 6-вековната црница, некако тоа место ни стана омилено, на нас планинарите и ни се чини како да посетуваме некоја старица која е сведок на историјата, наша… македонска. Колку ли млади невести наполниле вода од чешмата над која се потпираат нејзините трошни стебла… колку ли македонски мажи за миг застанале под сенка за да си поприкажат за аргатскиот живот, за берикетот…за побарувачката на лесновските воденични камења… за немилостите на бегот… за богатиот род на пченицата,овесот, компирот… и се тоа траело само додека не паднат листовите на ова дрво… под кое за време на празниците биле праќани првите погледи на вљубените… А нам, сеуште не измачува загатката… дали со доаѓањето на османлиите ја донеле како калем или садница или пак е останата како спомен од некогашното развиено одгледување на свилената буба во Македонија, за чие омасовување особена заслуга имале токму свештениците…

Како и да е, организаторот… Планинарскиот водач (главниот виновник) накратко не запознава со идејата како по дест години оваа манифестација го доби статусот на прва брендирана патека во Македонија. Се користи приликата да се поделат Благодарниците до општината домаќин, секако за да се искаже најголемата почит неслучајно токму ова место е одбрано да се соопшти името на добитникот на признаието Почесен учесник на Планинарската трансверзала 4М за 2010 година а добитникот ….Маестро Борис Трајанов, награден со овации… за жал од презафатеност не можеше лично да не поздрави… но ние уште еднаш му заблагодаруваме за се она што го направи на полето на афирмација на Македонија, нејзините природни реткости и културни знаменитости и секако подигнување на свеста за животната средина.

4m-2010-d-6

Ова признание во наредните години ќе се доделува традиционално, и секој ќе може да предложи кој би можел да биде носителот за 2011 година.

Секогаш ги потсетуваме учесниците дека првата трансверзала ја реализиравме во август и тогаш, еден сочен плод истиснавме во транвезалниот печат кој го добиваат сите учесници во планинарски книшки или на Признанијата, Учесниците со внимание ја ислушуваат Лесновската Легенда, за духовните браќа кои еден ден решиле да се разделат на тој начин што кој како што ќе се разбуди од Лесновската Пештера да тргне во непознат правец, и таму до каде што ќе стаса до зајдисонце да биде неговото животно прибежиште. Изутрината прв се разбудил Св. Јован Рилски кој стасал до Рила, Св. Прохор Пчински стасал до Козјак Планина во долината на Пчиња а Св. Јоаким Осоговски стасал до Кривопаланечкиот дел од Осоговијата. Последен се разбудил Св . Гаврил Лесновски и откако видел дека другите заминале, решил да остане во Лесновска Гора.

4m-2010-d-7

За да на крај откинеме еден лист од старата црница, како симболично ракување и ветување дека и на целта ќе засадиме садница како симбол помеѓу старото и новото, како линк помеѓу минатото и иднината. Излегуваме на местото каде што традиционално ја правиме заедничката фотографија, а таму веќе е пристигната екипата од Здравствениот Дом од Пробиштип, со која ги прегледуваме списоците на учесниците… не интересира само рубриката здравствени ограничувања, потешкотии, алергии… за се мораме да водиме сметка… Во тој момент го поздравуваме пристигнувањето на директорот на Астибо, или нам попознат како претседателот на планинарското друштво Лисец од Штип, врачувајќи му Благодарница во исто време. И одеднаш додека се избираше најдобрата позиција за стартната фотографија, одненадеж се појави пустиножителот Гаврил, чиниш како да времето се врати единаесет века наназад… Неговиот глас беше ораторски, но смирен, продорен но јасен, на лицата на учесниците се појави изненадувашка смиреност, тие го впиваа секој збор од говорот како да тие самите треба да го повторат наизуст, емоциите навираа…

4m-2010-d-8

Да, да тоа го може само Страшко Милошевски на себе својствен и оригинален начин, вака да не поздрави…

4m-2010-d-9

и додека сеуште траат аплаузите се делат гулаби…10 како за скромниот јубилеј од првото поминување на патеката во двата правца… а честа да го пренесе мотото на брендот 4М му припадна на гулабот со прстен МК 802518-08, од него зависи дали куварот Лазо ќе ја добие пораката за бројот на учесниците кои утрово тргнале по патот на легендата од 11-ти век, колку порции манастирско гравче треба да бидат сервирани за вечера. Одбројуваме, 10…5. 3..2..1 … Старт

4m-2010-d-10

Гулабите се во лет, а ние на пат кон целта.

Заблагодарувајќи му на сопственикот на гулабите Марјан Стојановски член на Друштвото на одгледувачи – писмоносци – Гулаб од Крива Паланка.

4m-2010-d-11

Се упатуваме кон училиштето во Лесново, кај Зоки, кој истовремено е задоволен што дојдовме да ни покаже што е направено во селото, малиот етнолошки музеј, сместувачките капацитети, но секако сите сме помалку разочарани што веднаш мора да си заминеме од оваа убавина…

4m-2010-d-12

и тука уште едно изненадување, на излегување од училиштето се слуша само …XL,… L, …XXL, благодарение на организатотот и АСТИБО од Штип, секој учесник добива подарок маичка со заштитеното лого и мото на Трансвезалата, за спомен како што е редот…

4m-2010-d-13

Тргнуваме веќе сме на излез од селото а имаме минус во времето 30 минути… добро се движиме… една мала пауза за прилагодување на опремата и облеката… по загревањето.. неколку блицкања на апарати.. и продолжуваме… Маркацијата е речиси целосно избледена, дрвјата се постари за десетина години, каменот е ронлив… временските услови немилосрдни, полека го напуштаме Лесновскиот Кратер, вистинска природна реткост…

4m-2010-d-14

Колоната добро се движи… полека стигнуваме кон чешмата над Луково… компактноста на колоната е задоволителна… но сеуште е рано … по малата пауза за поткаснување на оние кои се така навикнати и полнењето на студена вода… продолжуваме… една маркација која по се изгледа му се допаднала и на сопственикот на нивата сеуште пркоси… некои дури посакаа да се фотографираат на тоа место…

4m-2010-d-15

Продолжуваме… по дабовата шума, и одеднаш кошарата од плитар како мака да се фати нов кадар. Над Луково уредно построените сандуци со пчели зборуваат за грижливиот стопан, додека оштетеното страшило и откинатите гранки и лисја по патот, а полжави може да се видат и на карпите, сето тоа не посетува дека неодамна овде владеело вистинско невреме.

4m-2010-d-16

Полека се отвара Куновска Чука, наликува на огромен зелен конус обраснат со дрвја, во секој случај, тоа е репрезентативен примерок на Кратовско-злетовското еруптивно подрачје, и сигурен маркер дека сеуште сме во најмладиот дел од Осоговските Планини.

4m-2010-d-17

Добиваме повик од медицинската екипа од Пробиштип… возвраќаме се е во ред, замолуваме да го постават алпинистичкото јаже затоа што за 15-тина минути пристигнуваме…

4m-2010-d-18

Се погласно се слуша екот што го создаваат слаповите на брзата и студена Злетовска Река… топло…топло… којзнае!?

Пристигнавме крај Злетовица, водостојот е најголем досега но сите сме решени да поминеме од другата страна, се чини… дека никој и не помислува на тоа дали водата е студена… се внимава на секој чекор… се праваат снимки, клипчиња… или поточно би било тоа дека се врежува во нашата меморија дека сме прегазиле планинаска река, онака боси на стопала… сите сме од другата страна… уште една пречка е совладана.

4m-2010-d-19

Навистина ова е повеќе од шведски туш, сега имаш чуство дека циркулацијата е подобрена, заморот на нозете е избришан од студената планинска вода.

Тргнуваме кон Емиричка Река – местото за појадок. И ете го првиот судир со цивилизацијата, асфалтниот пат изграден за потребите на браната Кнежево… Ех, да можам да ја вратам состојбата кога ја поставуваме патеката, покрај колскиот пат, па и на оваа запрега не и прилега асфалтот исто како регистерските таблички… ама што е тука е.

4m-2010-d-20

Едвај се препознава амбиентот од стотиците слапови и водопади, со вади за малите бавчи во тесната долина и јазови за водениците и валалниците, со сламени покриви. Напролет вода се слева од сите страни, понекогаш незнаеш дали водата паѓа или се лизга по клисурестите долини на планинските потоци.

4m-2010-d-21

Набргу стигнуваме до Емиричка Река, се чини помалку имаше гладни отколку љубопитни кои се одделија до водопадот кој едноставно повикуваше да се фотографирате, да имате нешто за спомен.

4m-2010-d-22

Тргнуваме повторно времето почува да се влошува првин заросува, а потоа постојано го засилува темпото…се вадат кабаниците.

Поминуваме покрај новоуредената чешма и воденицата во Којково, за да приседнеме покрај вливот на Кучешка Река во Злетовица да с приклучи колоната. Времето го користиме рационално за да доделиме Благодарница за медицинското обезбедување од Пробиштип, и пак неизбежниот аплауз во знак на благодарност…

4m-2010-d-23

Во далечината се слуша по некоја грмотевица, на Костадиница сигурно врне. Полека ја освојуваме нагорнината , која овде е вистинска вертикала, застануваме на местото каде што се отвара видикот кон Браната Кнежево, си даваме ветување дека кога ќе се наполни вештачкото езеро ќе направиме планинарска тура околу езерото, продолжуваме, за да по пет минути стасаме под дебелите сенки на огромните букови стебла, под кои некогаш пладнуваа стадата од кнежевските стада.

4m-2010-d-24

Наидува посилен бран од дожд, кој минува како напрсница за 5 минути, и ни дозволува да продолжиме. Поминуваме покрај просечениот пат за браната кој овие прекрасни дрвја ги има отсечено од шумата. На патот наидуваме на сеча, дрвја на сите страни, внимателно ги минуваме за да по десет минути се најдеме пред ново искушение, дали да тргнеме по најживописната и најкратката патека или да се движиме по сртот… долу имаме премногу вода, но горе би било компликувано ако има грмотевици.

4m-2010-d-25

Одлуката ја донесува мнозинството… влегуваме, се одбира варијантата покрај Кучешка Река, тргнуваме… сите се движиме во колона…дождот престана… некако набрзина се спуштивме во Кучешка Река и таму нова дилема, додека ние бевме во долината на Злетовица околу Костадиница паднал пороен дожд, убаво е што дождот цело време некако паѓа пред нас но не и во овој случај, малата планинска рекичка е сериозно надојдена, а тоа значи дека не би можеле да продолжиме покај неа заради тоа што имаме најмалку десетина преминувања што во изминатите години ги минувавме без проблеми.

4m-2010-d-26

Тоа се покажа уште на првото преминување.

Веднаш донесуваме одлука да се упатиме кон Каравачко или (Каврак како што си го викаат Кратовци)… се движиме по патеката која оди стрмо по шумата, за да по половина час излеземе на цветните ливади. Тука се прибираме и продолжуваме…

4m-2010-d-27

Набрзо сме во селото, таму сме поздравени од неколкуте жители кои останале во ова планинско село, и нивниот млад шарпланинец Сурко кој беше расположен да се фотографира со сите учесници.

4m-2010-d-28

Се јавуваат првите знаци на замор, го информираме медицинското обезбедување, и го повикуваме да се упати кон нас, повторно се движиме во колона, еден од учесниците се жали на болка во колковите но сепак добро се движи, бидејќи сега се движиме по изохипса, по една многу живописна патеката по која најчесто околните села доѓале секој 8-ми август во селото на прославата на Св. Петка, или пак по која селаните одат на пазар во Крива Паланка.

И така медицинското возило наместо во Кучешка Река сега ќе не прифати на Кучешки Преслап. Пристигнуваме, на пространата полјана дестици коњи со красат планинскиот амбиент, како сцена дописникот од МРТВ да сработи поубав кадар од годинешното патешествие.

4m-2010-d-29

Продолжуваме, се движиме одлично, штета е што набрзина минуваме низ толку убави предели, а веќе сме на Бари… Сега е полесно за водичот… но мора да се донесе нова одлука…

4m-2010-d-30

Се јавуваат нови се посилни грмотевици. Во случај да не зафати невремето од овде имаме алтернатива да се извлечеме кон Конопница и да скратиме повеќе од 3 часа, но сепак за наша среќа, на Костадиница почна да се разведрува, ќе продолжиме по Традиционалната патека.

4m-2010-d-31

Наместо пауза застануваме… само за да ги ислучиме мобилните телефони… за секој случај, сега сме повторно на патеката но имаме задоцнување околу еден час.

Под Костадиница забележуваме едно стадо кое што мирно се напасува на ситниот дожд, продолжуваме кон Конопничка Бела Вода.

4m-2010-d-32

Колоната набрзо стигнува на Костадиница, подкаснуваме од нога, неколкумина полат студена планиска вода, Снимателот на МТВ зема изјави од учесниците, кои се видливо задоволни затоа што е совладана највисоката кота на патеката 1645 м.

4m-2010-d-33

Сега е полесно, почнуваме со спуштање кон Дурачка Река. Некоку кратки паузи за присобирање на колоната. Се приметува дека дождот денес цело време оди пред нас, но полека се открива и сонцето пред залелезот, да го надополни амбиентот, во далечината се гледаат Калин Камен, и Царев Врв на кој сеуште има снег.

4m-2010-d-34

Се упатуваме кон Корија, минуваме низ селото, затоа тука како ретко каде во Македонија може да се види на дело како се почитува народната носија, која сеуште се носи , со гордост како секојдневна облека, особено кај повозрасните жени… Учесниците сами се уверуваат во тоа, имаат одлична можност да ја фотографираат бабичката која ги прибира своите кози или пак онаа која само што го испратила својот син кој си заминал во градот.

4m-2010-d-35

Сега е полесно се диши, се чувствува медоносниот мирис од багремовата шума, се договараме да се чекаме во селото, во продавницата Бела Бода, и набрзу сме таму.

Медицинското возило е тука, сега ништо не е страшно на неколку километри сме пред целта… Кратовчани се упорни да ја минат патеката до крај, неколку паузи да приклучи колоната, и веќе сме во манастирската шума, се слуша и песна, во позадина, веќе почнува да се стемнува, 20.03 минути ние сме на целта.

Се чини дека мириса манастирското гравче, се подготвуваме за заслужената вечера, и куварот Лазо ги прави последните подготовки.

4m-2010-d-36

Во од се договараме да бидат спремни лопатите да ја засадиме црницата, која веќе е поставена во претходно припремената дупка во јутана вреќа, како да знаевме дека на мрак ќе се вратиме годинава…Професорот Иванчо од Пробиштип се јавува како доброволец да асистира на основачот на трансверзалата при засадувањето, внимателно се спуштаме по стмнината и токму надновооткриените водопади засадуваме еден вид (morus nigra), кој идеално ќе се вклопи во амбиентот на прекрасниот манастирски комплекс на Осоговскиот манастир, бидејќи расте надолу, по некоја година ќе се спушти покрај ново откриените води кои уредувањето на манастирот оформија водопад.

Ете веќе за наредната година ќе имаме и лист од црница на целта.

4m-2010-d-37

Се упатуваме кон топлите простории каде што веќе се служи манастирското гравче, сите сме тука, еден убав благослов за вечерата од актерот Страше… и во тој момент започнува финалето на Купот на шампиони, сите навиваат за тимот на нашиот Пандев… официјалниот протокол за доделување на признанијата останува за на полувремето…

На полувремето доделуваме Дипломи за секој учесник, за најмладиот во случајот ни беше најтешко бидејќи само неколку месеци беа пресудни Јасмин Гелев по трет пат да биде најмладиот, придружуван од двајца негови врсници.

4m-2010-d-38

Иле од Радовиш, ветува дека бил четири пати, и догодина ќе ни дојде повторно, Страше Милошевски воодушевен од првото патешествие посакува и да се врати наназад, Највозрасен учесник е Слободан или како што викале Ацо Бошковски, роден при крајот на Втората светска војна.

4m-2010-d-39

Сите се среќни, многумина не може да поверуваат дека се надминале себеси, иако во овогодинешната групата имавме и поранешни вистински спортисти и државни репрезентативци, во карате, тријатлон, брзо одење, кошарка…

Годинава сите се чуствуваме шампиони, му честитаме на нашиот Пандев за првата шампиоска титула со Интер.

Не се разочарувајте ако сте биле спречени да бидете дел од ова патешествие, Имаме капацитет да организираме во секое време комерцијална тура за сите кои сакаат да ја поминат патеката во за себе најпогодното време, контактирајте не преку www.planinarenje.org, или преку on-line образецот за пријавување www.4m.planinarenje.org

Незаборавајте навреме да се пријавите за 4М-патешествието 2011.

Дозволете ми во име на организатор да изразам посебна благодарност до: Маестро Борис Трајанов, Ден на дрвото, Астибо – Штип, Индо-минерали, Општина Крива Паланка, Општина Пробиштип, Центар за култура Крива Паланка, Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, ФПСМ, ELKO ITsolution – Крива Паланка Здравствен дом Крива Паланка, Здравствен Дом Пробиштип, Манастир Св. Гаврил Лесновски, Манастир Св. Јоаким Осоговски, Ресторан Манастирски Конак, Ресторан Да-Бо Крива Паланка, Такси Бон-Тон – Крива Паланка, Извиднички одред Наум Наумовски- Борче, ELKO IT SOLUTIONS, АМК off road ОСОГОВО, како и на преставниците на медиумите: МРТВ, ТВ Протел – Пробиштип, ДРТ Златен Канал – Крива Паланка, Информативна агенција МИА, Дневен весник Дневник, krivapalanka.gov.mk, Информативниот портал krivapalanka.info, GPS блогот на Горан Цветковски и сите останати кои директно или индиректно беа вклучени во реализација на Планинарската Трансверзала 4М™ 2010.

Текст и фотографии © Стојанче Величковски,

Лиценциран планинарски водач Основач,

организатор и сопственик на брендот Планинарската Трансверзала 4М™

www.planinarenje.org

www.4m.planinarenje.org